Училиште за театар

Независната продукција „ТЕАТАР 007“, покрај редовниот репертоар кој е активен веќе цели две години на сцената на Универзална сала – Скопје, во новореновираната „мала сала“, од денеска (1 октомври, 2012 година) почнува и со едукативна мисија за најмладите љубители на театарот, играта, социјализацијата и уметноста.

 

Театар 007 од оваа година, почнува со работа и на Училиштето за театар насловено „Од игра до претстава“. Изучувањето на театарот и драмата од најрана возраст, подразбира подобар процес на социјализација, развивање на психолошките карактеристики на детето. Театарот може да биде и е помошно средство за секој млад човек, во процесот на негово професионално определување во животот.

Учениците во училиштето за театар „Од игра до претстава“, ќе посетуваат настава два пати во неделата. Во првото полугодие часовите ќе ги водат м-р Игор Ивковиќ, театарски режисер, Дарко Вељиќ, актер и пантомимичар, Катерина Петровска, акробат, а секој месец како визитинг професори ќе се појавуваат нашите најпознати актери, режисери, драматурзи. Веќе е најавено присуството на нашата голема ѕвезда Сашко Коцев, кој ќе одржи предавање за запишаните ученици во октомври месец.

Часовите во училиштето за театар, ќе се изведуваат во новата реновирана сала во рамките на Универзална сала – Скопје, која е опремена според сите современи стандарди.

You May Also Like