Поради нарушениот квалитет на воздух како резултат на надминувањето на граничните вредности, но и ради стабилната временска состојба карактеристична за Скопската котлина во текот на зимата, а во согласност со известувањата од Министерството за животна средина, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ги објави следните предупредувања и препораки:
– Се повикуваат граѓаните да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања.
– Се препорачува на одделни категории на населението (малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе) да не излегуваат на улица.
– Се препорачува на граѓаните да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат.
– Се препорачува да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови.
– Се предупредуваат граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со кои што се загадува воздухот во просториите.
– Се апелира до сите граѓани да не ги користат своите автомобили без поголема потреба и да ги користат средствата за јавен превоз.
– Се повикуваат граѓаните при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали),
– Се повикуваат возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, во спротивно подлежат на ригорозни санкции,
– Се повикуваат сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови,
– Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада,
– Јавно се известуваат правните лица кои поседуваат дозволи за дотур на роба издадени од Секторот за сообраќај на Град Скопје дека истите се менуваат и имаат важност во периодот после 18:00 во текот на денот, освен оние што снабдуваат со леб и непастеризирано млеко (краткотрајно млеко),
– Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Дражавниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки со што ќе дадат личен придонес за подобар квалитет на воздухот во градот, што е заедничка потреба и цел кон која сите заедно треба да се стремиме.
Градот Скопје продолжува во континуитет со своите редовни активности во насока на намалување на загадувањето на воздухот, а за секоја настаната промена на состојбата редовно ќе ја известува јавноста.