Завршија подготовките за годинешното издание за најголемата и најмасовната манифестација во Струмица, „Струмица Опен-фест 2014“ …
Подготовките за најголемата и најмасовната манифестација во градот под Царевите Кули, Струмица, комплетно се завршени, е заклучокот од денешната последна седница на Координативното тело на „Струмица опен-фест“. Како што изјави координаторот Петар Божинов, годинава „Струмица опен-Фест 2014“ нуди 11 неповторливи и незаборавни денови и ноќи исполнети со богата културно-забавна програма.
– Од 7-ми до 17-ти август на нашите граѓани и гости им нудиме богата програма за сите вкусови и возрасти. Имаме ликовни колонии, вечери на поезија,театарски претстави, филмови, афоризми, трка на келнери, угостителски бон-тон, џез-фестивал, електронска и хип-хоп музика.
Кулминацијата се остава за последните три финални вечери во кои ќе настапат Бајага и инструктори, Тајзи и Кирил Џајковски,втората вечер ја почнуваме со Драган Мијалковски, Сарс, Амадеус и Дивизија, а третата вечер ќе настапат Дивизија ,Дивајн, нашата Александра Јанева и балканската поп ѕвезда Здравко Чолиќ.
Првпат годинава „Струмица опен-фест“ се сели и во поголемите села Муртино и Просениково, каде на 10-ти август ќе настапат групите Пицикато, Дикато и Нексус. Организаторите и годинава очекуваат голем број посетители и гости како од соседните градови, така и од соседните Бугрија и Грција.