Награди за најдобрите книжевни преведувачи

По повод Светскиот ден на преведувачот 30 Септември, денеска (понеделник, 1 октомври) во просториите на Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи традиционалниот свечен собир на македонските книжевни преведувачи .

Повелбата “30 Септември“ што се доделува на истакнат македонски книжевен преведувач за долгогодишна успешна преведувачка активност ќе му биде врачена на книжевниот преведувач од турската националност во Македонија, Есад Бајрам,

Лауреати на наградата “Златно перо“ за 2012 година се:  Волф Ошлис (Германија), за преводот од македонски на германски на делото “За македонцките работи“ од Крсте Мисирков; Мариана Палашевска, за преводот од германски на македонски на романот “Триумфална капија“ од Ерих Марија Ремарк; Лидија Танушевска, за преводот од полски на македонски јазик на книга со раскази од полскиот писател Бруно Шулц , а добитник на “Златно перо“ е и Владимир Цветкоски за  трудот од областа на теоријата на книжевнииот превод “Џон Драјден – од аспект на тероријата на преведувањето“.

Наградата “Григор Прличев“ за најуспешен превод на македонски јазик на поетско дело од светската книжевност, му е доделена на Игор Радев, за препев од древнокинески јазик на делото “Книга за патот и неговата крепост“ од Лао Це; а лауреат на наградата “Ванѓа Чашуле“ е Виолета Јагев за преводот од шпански на македонски на делото “Примерни новели“ од Мигел де Сервантес.

Лауреат на наградата “Абдуљазис Ислами“ што се доделува за книжевни преводи од македонски на албански и од албански на македонски, годинава е истакнатиот писател и книжевен преведувач од албанската националност во РМ, Нехас Сопај.

Наградата “Архиепископ Гаврил“ што се доделува за преводи на дела од сферата на духовната литература годинава му е доделена на Даниел Јовановски за превод од англиски на македонски на делото “Брак – православна перспектива“ од американскиот автор Џон Маендорф.

“Специјалното признание“ што се доделува на издавачка куќа, годинава му е доделено на книгоиздателството “Икона“ од Скопје за вложените заложби за издавање во превод на македонски јазик на значајни дела од светската книжевност.

Наградата за преведувачки опус “Кирил Пејчиновиќ“ и наградата “Божидар Настев“ ќе бидат дополнително доделени во ноември годинава

You May Also Like