Теориска книга за преведувањето за деца

По повод 30 септември, Светскиот ден на преведувачите, издавачката куќа „Вермилион“ ќе ја објави книгата теориски есеи „Преведувањето за деца како меѓукултурна комуникација“ од Марија Тодорова.


Оваа збирка есеи се обидува да ги прикаже спецификите на преведувањето за деца и предизвиците со кои се соочуваат преведувачите при обидот да ги приближат делата на светската книжевност кон младите читатели.

„ Во оваа најнова книга на Марија Тодорова се препознава еден од обидите да се направи нешто повеќе за литературата за деца во Македонија и тоа на полето на преведувањето на најпознатите, како и на најновите/најсвежите светски наслови… Марија Тодорова е меѓу ретките автори што теоретски се осврнуваат на творештвото за деца. Таа во текот на постојаната своја работа на полето на литературата за деца посочува дека има многу добри бестселери за деца што се непреведени и недостапни во Македонија што е загрижувачки факт “, истакнува во рецензијата на книгата проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска.

Марија Тодорова е преведувач и истражувач на литературата за деца и културата на мир. Магистрирала на Институтот за безбедносни и мировни студии во Скопје. Досега има преведено над 15 книги, претежно во областа на литературата за деца, меѓу кои „Хобитот“ од Џ.Р.Р. Толкин и „Историјата за Нарнија“ од К.С. Луис.  Добитничка е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод.

Издавачката куќа „Вермилион“, специјализирана за книги за деца и млади, е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.

You May Also Like