Ултра маратонците во Крушево во чест на Тоше

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (вторник, 16.10.2012 година) во 13 часот на Гумење во Крушево ќе ги пречека 16-те македонски спортисти кои како учесници на ултра-маратонот во чест на Тоше Проески во саботата тргнаа од Нова Градишка, Хрватска.


Исто така, Канческа-Милевска, по повод петгодишнината од смртта на најголемата музичка ѕвезда, ќе положи свежо цвеќе на неговиот гроб во Крушево.

Вчеравечер, на Плоштадот „Македонија“, пред Фонтаната „Воин на коњ“ во Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ги пречека 16-те македонски маратонци, што 5-та година по ред, учествуваат во традиционалниот Ултрамаратон во чест на Тодор Проески-Тоше. Трасата што ја трчаат маратонците е во должина од 1 100 км почнувајќи од Нова Градишка, Република Хрватска, местото на несреќата каде што загина Тоше, а завршува во неговото родно Крушево.

Маратонците, што трчаат од Нова Градишка (Р. Хрватска) до родниот град на Тоше, Крушево, во Скопје ги пречекаа дел од членовите на Фан клубот на Тоше Проески од Република Македонија, како и повеќе од 300 деца, а песни од мега музичката македонска ѕвезда исполни хорот при СУГС „Здравко Цветковски“ од Скопје.

Целта на ултрамаратонот е да биде истрчан патот на којшто замина Тоше пред пет години и никогаш повеќе не се врати, но во обратен правец и симболично да се врати духот на Тоше Проески во неговото Крушево. Ултрамаратонот трае околу 100 часа и за тие неколку денови ултрамаратонците застануваат во неколку градови за да ги поздрават членовите на фан клубовите на Тоше, почнувајќи од Нова Градишка, па поминуваат низ Белград и Скопје и на крајот пристигнуваат во Крушево.

You May Also Like