Македонскиот кларинетист Васко Дуковски викендов настапуваше на реномираниот “Harvard University” со познатиот њујоршки ансамбл Аргенто.
Дуковски и ансамблот Аргенто изведуваа нови дела од членовите на “Harvard group of New music” познати како “Есенцијален извор на новокомпонирана авантуристичка музика” од Алекс Рос (Alex Ross).
Примарната цел на Универзитетот “Harvard” со овој проект е да се изведат делата на членови од универзитетот со што ќе се поттикне чувство на заедница помеѓу публиката и композиторите и да се развијат музички и професионални односи надвор од универзитетот. Како дел од овој проект Васко Дуковски и ансамблот Аргенто цела недела соработуваа со композиторите на овие современи дела.
Ансаблот Аргенто се состои од девет постојани членови кои изведуваат современа музика . Овој ансамбл е познат по своите незаборавни настапи на најпознатите светски музички фестивали кои вклучуваат и многубројни соработки со познати композитори. Во 2010 и 2011 концертите на Аргенто беа избрани за најдобри десет концерти во Њујорк од страна на “New York Times” и “Time out New York”.
Соработката на нашиот виртуоз со овој ансамбл продолжува и на крајот на месецот со изведба на спектакуларен концерт. Овој извонреден состав од музичари ќе ги изведува сочуваните фрагменти од недовршениот “Requiem” од Моцарт кои се целосно собрани од композиторот Георг Фридрих Хас во проектот наречен “Seven Soundspaces” (Седумте музички “простори”). Во овие така наречени “музички простори” ќе се читаат писма од Моцарт кои даваат слика на неговата интензивна состојба на принуда и професионални проблеми компонирајќи го делото “Requiem”.
Вечерта ќе биде отворена со настапот на познатата флејтистка Пола Робинсон со “Andante” од Моцарт. Публиката ќе ја има ретката можност за прв пат да ги слушне сите фрагменти на ова фамозно дело на Моцарт, вклучувајќи ги и оние делови кои се нецелосни и тоа без никакви дополнителни комплетирања и оркестрации.