Mаратонци од Македонија ќе трчаат 7.400 километри за спас на јагулата во Охридското Езеро …
Тројца маратонци од Македонија покренаа иницијатива за привлекување на вниманието на јавноста за потребата од преземање активности што ќе и овозможат на јагулата повторно да може слободно да го мине „свадбениот пат“ од Охридското Езеро до далечното Саргасово Море.
Кире Наунчески, маратонец со најголем број истрчани маратони годинава, вкупно 11, Тања Стојаноски, ултра-маратонка од Србија со македонско потекло, моментno петта во Европа и 12-та во светски рамки на 12 часа и Тања Вељаноска, државниот рекордер на Македонија на маратонскита трка, имаат намера за период од 16 месеци да истрчаат вкупно 7.400 километри, онолку колку што е оддалеченоста од Охридското Езеро до Саргасовото Море.
– Се надеваме дека ќе успееме во намерата да го свртиме вниманието на институциите и граѓаните за враќање на природниот пат на миграцијата на јагулата во Охридското Езеро, изјави Наунчески после денешниот маратон во Охрид каде веќе и официјално го стартуваа нивниот необичен подвиг.
Неговата колешка, маратонката Тања Вељаноска истакна дека самата иницијатива и називот „Патот до Саргасово Море“ е осмислена да и овозможи на јагулата повторно да го обнови својот пат од Охридското Езеро до оддалечениот Атлантски Океан.
– Препреките создадени со изградбата на четирите хидроцентрали на реката Дрим, од кои две на Црн Дрим во Македонија, не и дозволуваат на јагулата да помине по приридниот пат до мрестот. Во други земји тоа е решено преку т.н. рибни патеки, постои и теоретски проект на професорот Христовски од 1999 година, меѓутоа до ден денес нема решение за проблемот. Токму поради тоа е оваа инцијатива за да ја поддигнеме свеста на јавноста за придвижување на работите, изјави Вељаноска.
Тројцата маратонци веќе имаат пријавено учество на маратонот во Валенсија закажан за 16 ноември, а километражата планираат да ја постигнат како преку учество на маратонски трки, така и преку нивни интензивни тренинзи, сите регистрирани од официјални лица. Нивната замисла е последните километри од зацртаниот план да ги истрчаат на големиот маратон во Хамилтон на Бермудските Острви, најблиску до родното место на јагулата во Саргасовото Море.