Промовирано списанието „Историја“

Вчера (среда, 5 декември) во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ беше промовирано новото издание на списанието „Историја“, што го издава Здружението на историчарите на Република Македонија. На промоцијата се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска:

Новото издание на списанието „Историја“ што е денеска пред нас за првпат се објавува со концепција која е водена од професори на престижните европски универзитети во Венеција, Истанбул и во Глазгов, во соработка со еминентни македонски историчари кои континуирано ја унапредуваат научно-истражувачката дејност во нашата држава и ги промовираат добиените сознанија надвор од неа – истакна Канческа-Милевска.

Оваа вредна научна публикација, која пред читателската публика се појавува во речиси петдецениски континуитет, претставува значаен историски сублимат на импозантен број научни и стручни трудови создадени од врвни македонски и странски историчари. На страниците на оваа публикација експертите од областа досега имаат презентирано многу искуства, сознанија, видувања, многу трудови кои, несомнено, дадоа придонес во развојот и унапредувањето на историската наука.

Зад издавањето на оваа публикација стои редакција составена од автори на 15-ина научни прилози и прикази од областа на византологијата, историјата на религиите, теми од областа на македонската историографија. Меѓу нив се врвни светски научници, како Флорин Курта од Унивезитетот во Флорида, потоа Јуриј Стојанов од Универзитетот во Лондон, Ендрју Роач од Универзитетот во Глазгов, Дик Ван Ниекерк од Холандија, како и Петар Иваниќ од Универзитетот од Словачка.

Свој ангажман во конципирањето на публикацијата имаат и македонските научници: Митко Б. Панов, Маја Ангеловска-Панова, Тодор Чепреганов, Надежда Цветковска, Катица Трајкова, Наташа Котлар, Лилјана Гушевска, Драган Зајковски, Драган Ѓалевски, Мачек Хелбик и Валентина Миронска.

You May Also Like