Првиот уписен рок за пријавување на кандидати во прва година додипломски студии е закажан на утре и задутре (16-ти и 17-ти август). Според Конкурсот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје на 24-те факултети слободни се вкупно 12.251 места од кои 6.904 за редовни студенти во државна квота, 3.931 слободни места во квотата редовни студенти со кофинансирање и 1.416 слободни места за вонредни студенти.
Студиите во државна квота изнесуваат 200 евра, за некои дисперзирани насоки 100 евра, а партиципацијата во квотата со кофинансирање е унифицирана и на сите факултети изнесува 400 евра.
Основен критериум за селекција на кандидатите за запишување на прв циклус, додипломски студии е успехот постигнат во средно образование, според кој може да освојат најмногу 100 поени – општиот успех по сите предмети учествува со 60 отсто, а успехот постигнат на државната матура со максимум 40 проценти. Начинот на бодирање и пресметувањето на поените е појаснет во условите на Конкурсот, објавен на веб-страницата на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Резултатите за успехот од средно образование ќе бидат објавени на 22 август. За студиските програми со специфичности ќе има и проверка на знаењата, закажана за 18 август.
Подетални информации за роковите и местото за поднесување на документите по уписни рокови како и критериумите и условите за запишување на студиските програми можат да се добијат на факултетите односно официјалната страница на Универзитетот.
Вториот рок за пријавување е на 3-ти и 4-ти септември, а третиот на 17 септември.
Бидете дел од високообразовната елита во Македонија. Привилегија е да станете дел од академската заедница на најдобриот универзитет.
За најдобро рангираните од секој факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе додели вкупно 230 стипендии.
Кристина Велјаноска