Младиот виолинист Александар Иванов, учествуваше на Московскиот Меѓународен фестивал – конкурс “Открита Европа – открита планета” во категоријата соло виолина и ја доби наградата ЛАУРЕАТ ОД ВТОР СТЕПЕН.
Станува збор за исклучително значаен меѓународен фестивал – натпревар, каде што во жири комисијата седеа реномирани професори од Московскиот конзерваториум Чајковски. Претседател на жирито е реномираниот виолинист проф.М.А Готсдинер.
Како веќе етаблиран млад виолинист, беше комплетно поддржан од Министерството за култура, како претставник на Македонија на овој конкурс. Александар Иванов, инаку има 13 години. Во моментот е шеста година во нижото музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во класата на проф. Горан Муратовски.
***
Иванов е роден на 22 декември 2000 година во Скопје во едно од постарите музички семејства во Македонија. На седумгодишна возраст почнува да учи виолина во класата на Иле Темков.
Денес тој е ученик во класата на Горан Муратовски. На деветгодишна возраст добива прва награда на Меѓународниот виолински конкурс во Србија и прва награда на државниот натпревар во Скопје, по кое што следат повеќе први награди за виолина, но и за солфеж. Во 2013 година покрај првата државна награда тој е добитник и на две меѓународни награди во Ниш, Србија (втора) и на престижниот “Волински конкурс кај проф. Nedyalka Simeonova” во Хасково, Бугарија (трета).
Како солист настапува со камерниот оркестар „Arco“ во Скопје (2012) и два пати со Македонската филхармонија (2012, 2013). Во јуни 2013 година беше поканет да свири на првата манифестација ВИОЛИНЕ – ФЕСТ во рамките на Скопско лето. Три пати досега учествувал на летниот меѓународен семинар за виолина кај Ана и Олег Кондратенко.