Мултимедијалната академска камерна сцена на УГД – МАКС ќе го има своето прво меѓународно претставување со театарската претстава „Под масата“.
Претставата што премиерно беше изведена на културната манифестација „УГД сцена“ и неколкупати се одигра на сцената во Мултимедијалниот центар на УГД во периодот од 4 до 7 април ќе се претстави пред публиката во Р.Бугарија во рамки на Меѓународниот театарски фестивал „Океан од љубов“.
Работена според текстот на Роланд Топор, „Под масата“ е претстава којашто раскажува една возбудлива француска приказна. Преку комични сцени, интересен драматуршки заплет и романтичен крај, претставата ги истражува темите за социјалните разлики, пријателството и љубовта. Режијата е на Симеон Гаврилов,улогите ги толкуваат Душица Тренева, Иван Дуковски, Љупка Рогожарска, Ненад Мицов и Теона Димова, а за музиката и техничката поддршка е одговорен Александар Максимов.
– МАКС постои само неколку месеци и веќе постигнуваме одлични резултати. Нашата прва претстава „Под масата“, по премиерата во ноември во склоп на манифестацијата „УГД сцена“ во Штип, во април гостува во Бугарија на Меѓународниот младински театарски фестивал „Океан од љубов“. Се надеваме дека одлично ќе се претставиме на овој фестивал, бидејќи нѐ очекуваат и други фестивали во земјава и во странство. Во план се учество на „Драмскиот аматерски фестивал“ во Кочани и гостување на фестивали во Србија со кои
Универзитетот има соработка. Значајно е да ја споменам соработката и поддршката од Универзитетот „Гоце Делчев“, што е доказ за визијата и напорите што Универзитетот ги прави за својот град и за своите студенти, градејќи една цврста и сигурна подлога за развој на културата, уметноста и меѓукултурната
соработка – изјави Ненад Мицов, актер и студент на УГД.
Годинешното издание на Меѓународниот театарски фестивал „Океан од љубов“, што се одржува по осми пат, покрај претставите од различни земји во светот, организира и различни работилници и трибини поврзани со театарската уметност.