Канческа-Милевска во официјална посета на Словенија

Министерката Канческа-Милевска, утре (вторник, 11 септември 2012) ќе престојува во работна посета на Република Словенија, каде во Љубљана ќе оствари средба со словенечкиот министер за култура, образование, наука и спорт Жига Турк.

Двајцата министри ќе разговараат за актуелните и идни проекти од областа на културата меѓу двете држави. Министерката за култура за време на престојот во Љубљана, во Националната и универзитетска библиотека на Словенија ќе оствари средба и со г-ѓа Андреа Рихтер каде свечено ќе ја подари едицијата „130 тома македонска книжевност на англиски јазик“.

Посетата на Словенија и на Министерството за култура е поврзана и со презентација на македонската култура во рамките на манифестацијата „Марибор-европска престолнина на културата за 2012 година“. Истата започна во саботата со концертот на нашиот познат уметник Зоран Маџиров, кој во преполната сала, многубројните гости од културниот живот на Словенија, меѓу кои и македонскиот амбасадор во оваа земја, Игор Попов, со овации беше поздравен од публиката.

Вечерва на програмата е концертот на музичкиот состав „Ла колони волвокс“ предводен од Сашо Гигов-Гиш кои ќе настапат во џез клубот „Сачмо“.

Презентацијата на македонската култура во Словенија завршува утре во Словенечкиот народен театар, каде пред публиката ќе биде изведена претставата „Хамлет“ на Драмскиот театар, во режија на Дејан Пројковски.

На свеченото затворање на манифестацијата ќе присуствува и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како и гости од културниот и општествениот живот на Словенија.

You May Also Like