Домот на културата „Кочо Рацин“ во соработка со издавачката куќа „Вермилион“, го реализираат мулти културниот Фестивал на книгата за деца под мотото „Патуваме преку сказни“, под покровителство на Град Скопје, по повод роденденот на познатиот дански писател за деца Ханс Кристијан Андерсен, кој во светски рамки се одбележува како Меѓународен ден на литературата за деца.
Во рамките на Фестивалот на 9 април (вторник), во 19:00 часот ќе биде промовирана теоретската книга „Наратолошките аспекти на волшебните приказни кај Марко Цепенков“ од м-р Трајче Стамески. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Венко Андоновски.
Народните волшебни приказни, иако првенствено создадени не секогаш со идејата за децата како публика, сепак денеска многу често се читани од деца. Нашето најново дополнување на едицијата Теорија се занимава токму со овој жанр.
Во „Наратолошките аспекти на волшебните приказни кај Марко Цепенков“ Трајче Стамески ги применува класичните наративни постапки врз корпусот македонски волшебни приказни. Ова е „единствен и првичен потфат од областа за науката на фолклорот, поконкретно за македонските волшебни народни приказни … она што ја чини македонската народна проза специфична, единствена, но и универзална.“ вели проф. Фанија Попова.
Дом на културата „Кочо Рацин“ Скопје е јавна установа од област на културата која со својата дејност ја промовира културата и нејзините уметнички дострели. Од 1954 година во континуитет интензивно работи на промоција на сите облици на културни дејности со особена програмска цел, со едукативно културолошко делување врз сите старосни групи на населениетои различните етнички заедници, притоа негувајќи ги нивните вистински културни потреби.
„Вермилион“ е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.