Со синоќешниот (недела, 9 март) настап во Истбурн, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески го заврши делот од својата британска турнеја на кој 3 вечери концертираше како солист на Лондонскиот филхармониски оркестар под палката на диригентскиот феномен од Венецуела, Илич Ривас.
Интересно е што со премиерниот концерт во петокот во распродадената Ројал фестивал хол во британската престолнина, 21-годишниот Ривас стана најмладиот диригент што застанал зад пултот пред престижниот лондонски оркестар. За нас е посебно интересен куриозитетот што на сцената се најдоа оркестарот во чии несомнени квалитети се увери и нашата публика на концертот во преполната „Метрополис арена“ во декември 2010 година, како и момчето што како светско диригентско чудо во рамките на „Скопското лето 2009“ на само 16-годишна возраст раководеше со Младинскиот оркестар на КултурОп во салонот на Македонската опера и балет.
По бравурозниот настап Ривас со нескриени емоции, за МРТ изјави:
„Ова е апсолутно најважното деби во мојот живот до сега и некако не можеше да помине без учество на Симон Трпчески, бидејќи кога прв пат диригирав во Европа, тоа се случи токму благодарение на Симон и на неговото големо срце подготвено да поддржи млад диригент. Никогаш во животот не сум се почувствувал повеќе добредојден отколку тогаш во Македонија, кога имав 16 години. Затоа и многу сакав тој да биде дел од мојата соработка со Лондонската филхармонија и од почетокот на минатата недела постојано мислам дека сонувам: овде сум и музицирам со нив. А кога ќе се свртам и го гледам Симон станувам уште посреќен. Сигурен сум дека овој концерт нема да биде само наша, туку и радост за нашите две земји Македонија и Венецуела, токму преку нашето присуство на сцената на Кралската фестивалска сала во Лондон“ – вели диригентската ѕвезда Ривас, кој не го дочека следното прашање за да дополни: „Со нетрпение чекам пак да ме поканите за веднаш да дојдам. Повторно да ги вкусам прекрасните салати и сирењето, на убавото време да се сретнам со прекрасните луѓе во Македонија. Секако, би сакал да го видам и Охрид за чии убавини толку многу сум слушал“.
И за Трпчески овој дел од неговата турнеја има посебно значење. Во изјавата за МРТ и тој со комплименти за својот придружник на сцената на Лондонската филхармонија:
„Драго ми е што повторно се најдов на сцената со моите драги пријатели и наши познаници, Лондонската филхармонија и диригентот Илич Ривас, особено кој со ова деби направи голем чекор во својата кариера. Мило ми е што јас бев избран и поканет заедно да го изведеме омилениот Концерт број 1 за пијано и оркестар од Чајковски. Мислам дека неговиот талент излегува на сцената преку неговата личност. Тој е многу мил, пријатен и исклучително позитивен човек што е резултат на влијанието на неговото прекрасно семејство. Многу ми е мило што ова мина фантастично за него и драго ми е што помогнав“ – рече Трпчески кој статусот на миленик на лондонската публика по долготрајните овации мораше да го награди и со изведба на бис, што повторно, не пропушти да му ја посвети на Ривас.
Инаку серијата настапи низ Велика Британија нашиот пијано виртуоз ја започна на 1 март со камерната вечер во Вигмор Хол заедно со, според многумина, водечката светска виолинистка, германката Јулија Фишер и нејзиниот сонародник, виолончелистот Даниел Милер – Шот. „Навистина беше привилегија да се слушаат тројцата врвно рангирани солисти чие музичко пријателство резултираше со највисок квалитет“ – запишаа британските медиуми за, како што велат, „инспиративниот настап“ во Вигмор Хол.
Британската турнеја на Трпчески во среда и четврток продолжува со Симфонискиот оркестар на Борнмут, по што нашиот врвен инструменталист следната недела го очекува и дебито со Оркестарот на Националната опера од Париз, престижната Бастиља.