Централниот настан на петтата традиционална Кампања за борба против рак на дојка, насловена како “Напред розово 2013 – чекори против ракот на дојка“ ќе се одвива денеска (сабота 08 јуни 2013) на Плоштад Македонија во Скопје, со почеток во 18:00 часот.
Настанот ќе вклучи заедничка розова прошетка на повеќе од 1500 учесници кои пешачејќи 3 километри ќе испратат порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка. Во прошетката ќе земат учество сите граѓани на Република Македонија, вклучувајќи и организирано учество на поддржувачи на Борка од градовите низ Македонија. По прошетката ќе следува музички хепенинг со настап на неколку женски Ди – џеи, се со цел да се овозможи луѓето, т.е. борците против ракот на дојка да се зближат, да се дружат и да го слават животот.
Како и во годините претходно, така и оваа година ќе се собираат средства преку продажба на розови производи (маици, алки и др), кои средства ќе се искористат за реализација на годишните активности на Здружението Борка, а тоа се: обезбедување на псигхосоцијална помош и поддршка за болните од рак и нивните семејства, обезбедување на перики за жените со низок социјален статус кои примаат хемотерапија, посета на клиниката за онкологија и торакална хирургија од страна на волонтери на Здружението, одржување на бесплатната СОС линија за помош и поддршка и др.
„Напред розево“ е во организација на здружението Борка – За секој нов ден, во соработка со Здружението Интегритет Алфа и Омега и Амбасадата на САД во Република Македонија, а за прв пат оваа година ќе биде поддржана од програмата Civica Mobilitas, Центар за инстутиционален развој ЦИРа.