Трпчески со нов компакт диск и Европска турнеја

По големиот успех со наградуваните компакт дискови на кои Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар под диригентската палка на својот шеф-диригент, маестро Василиј Петренко и со македонскиот пијанист Симон Трпчески ги изведоа сите дела на Сергеј Рахмањинов напишани за пијано и оркестар, деновиве пред музичките сладокусци се појави третиот диск од оваа соработка.

trpceski_petrenko_rlpo_cd_cover

Победничкиот тим за издавачката куќа „Оникс“ го издаде своето најново це-де на кое ги изведуваат Концертите за пијано и оркестар број 1 и 2 од Петар Илич Чајковски.

„Мислам дека одговорноста е исклучително голема кога се работи за снимање на едно толку популарно дело какво што е Првиот концерт на Чајковски, додека Вториот е помалку изведуван, но не и помалку вреден. Навистина сметам дека вложивме многу труд и љубов и таа емоционална димензија може да се почувствува на це-де-то и барем јас се надевам дека слушателите ќе можат да ја почувствуваат и ги чекам нивните реакции“ – изјави Симон Трпчески за Македонското радио.

Овации за Трпчески на концертите низ Европа

Овации од публиката наградени со изведби на бис е редовната ситуација и на најновата серија концерти што во текот од еден месец откако стартуваше новата сезона  нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески ги отсвири низ Европа.

Како солист на Младинскиот оркестар на Европската унија, Трпчески под диригентската палка токму на Василиј Петренко настапи во Италија, Австрија и Холандија, а концертот во познатата сала „Концертгебау“ во Амстердам беше само еден од тие кои директно беа пренесувани на интернет. Големиот интерес да се проследи настап во живо на нашиот виртуоз резултираше со преноси со слика и звук и од концертите на отворањето на сезоната на Филхармонискиот оркестар на Осло во норвешката престолнина, како и на првиот од концертите на Трпчески со Рускиот национален оркестар под диригентската палка на легендарниот Михаил Плетњев во концертната сала „Чајковски“ во Москва на Денот на македонската независност. Само десет дена подоцна, овој пат на својот 35-ти роденден (18 септември), Трпчески повторно ќе концертира во истата сала во руската престолнина, со врвниот Рускиот национален оркестар под палката на украинскиот диригент Кирил Карабиц (37), изведувајќи го Концертот број 3 за пијано и оркестар на Прокофјев.
Серијата концерти на нашиот пијанист низ Европа продолжува до крајот на ноември. Предвидени се оркестарски и камерни настапи во Ла Коруња, Барселона, Белфаст, Торино, Стразбур, Лондон, Бирмингем и повторно Амстердам. Крајот на ноември и првата половина на декември ќе бидат во знакот на рециталите и концертите во Соединетите американски држави и Канада.

You May Also Like