Трпчески со британска премиера на дела од Благој Цанев

Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, продолжува со исклучителното темпо на претставување на македонското музичко творештво и неговите автори пред публиката на престижните светски сцени.

 

Овој пат, заедно со музичари од Симфонискиот оркестар на Бирмингем настапи со изведба на дела од македонскиот композитор Благој Цанев. За трите концерти со овој реномиран оркестар (од кои едниот беше со камерна музика), Трпчески изјави:

„Многу ми е мило што по претставувањето на нашиот композитор Благој Цанев во Норвешка и во Аспен, САД во текот на минатата година, сега за прв пат во Англија, поточно во Бирмингем се изведоа 2 негови дела. Станува збор за „Фолклорните канони“ во ансамбл за виола, кларинет и пијано, како и неговата позната „Соната во ЕС“ за кларинет и пијано. Ова се дела во кои тој не навлегува длабоко во нашиот фолклор, освен со од-време-на-време интелигентни симпатично покажани фолклорни искри. Цанев повеќе ги истакнува своите лични инспирации и размислувања. Неговиот музички јазик е прилично шаренолик и, иако понекогаш потсетува на Григ, Прокофјев, Лигети, Дебиси, па и Хиндемит, тој сепак е пред се’ свој. Музичарите на Симфонискиот оркестар на Бирмингем (Марк О’Браен на кларинет и Бајрон Периш на виола, н. заб.) многу професионално навлегоа во процесот на подготовка на делата наспроти пребукираниот распоред во текот на оваа недела, и можам да кажам дека публиката одлично ја прими изведбата, што ме прави многу среќен“ – објасни Трпчески.

Нашата интернационална пијанистичка ѕвезда со Симфонискиот оркестар на Бирмингем по двете вечери изведба и на Шопеновиот Концерт број 1 за пијано и оркестар во матичниот град на ансамблот, продолжува со уште 2 настапа на Островот. Веќе вечер (25.01) ќе концертираат во Оксфорд. Диригентската палка на оваа мини –турнеја е во рацете на шеф-диригентот на оркестарот Андрис Нелсонс од Летонија, кој веќе диригира во најпознатите светски оперски куќи, како и со оркестри од рангот на Виенската и Берлинската филхармонија. Ова е втор заеднички настап на тандемот Нелсонс-Трпчески по „премиерниот“ во 2008 година кога токму нашиот пијанист му беше првиот солист на носителот на диригентската палка како шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Бирмингем.

Инаку, токму со Концертот број 1 на Шопен Трпчески и ја стартуваше календарскава концертна година со Националниот оркестар на Порто во овој португалски град, за веднаш по настапите во Англија истиот да го изведе и како солист на Шведскиот камерен оркестар.

You May Also Like