Македонската горанска заедница на Косово во соработка со Сојузот на Македонците со исламска религија, утре (сабота, 5 мај) во селото Брод го организира третиот ревијален и традиционален Македонски фолклорен фестивал „Гора 2012“.
Ќе се изведат македонски народни песни и ора од културно-уметнички друштва, фолклорни групи и интерпретатори од сите делови на Македонија. Фестивалот е традиционален и од национален интерес за културна афирмација на Македонците со исламска религија на Косово.
Со културната манифестација воедно ќе се обележи и годишнината од формирањето и регистрацијата на Македонската горанска заедница на Косово во 2007 година и отворањето на нејзината Канцеларија на 10 мај 2008 година во Брод.