МАНУ одбележа 30 години од смртта на Ацо Шопов

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска (четврток, 03 мај 2012 година) одбележа триесет години од смртта на академик Ацо Шопов, еден од најистакнатите поети од првата, повоена поетска генерација во Македонија, со промоција на две книги со негови песни на шпански и на француски и германски јазик, насловени како „Црно сонце“.

Книгата песни преведени на шпански е објавена во Аргентина (Sol Negro), а двојазичното издание – на француски (Soleial Noir) и германски (Schwarze Sonne) излезе во Луксембург од издавачката куќа „Фи“ (Phi). Таа е специјализирана за литература, особено за поезија, со годишна продукција меѓу 20 и 30 наслови, во кои се сите големи имиња на луксембуршката литература.

Нејзиниот директор Ролан Кајзер во МАНУ соопшти дека е чест за неговата издавачка куќа да објави избор од поезијата на „вашиот голем поет Шопов“, како што рече. Луксембург е држава со мал број жители, но со многу јазици и идентитети, рече тој,и затоа е нормално да се објавуваат изданија на повеќе јазици и еден издавач не може да се ограничи на само еден јазик.

Претседателот на МАНУ, академик Камбовски, во поздравната реч на промоцијата истакна дека секој обичен читател, „макар и површно запознат со поетските правци и стилови, во поезијата на Ацо Шопов ќе препознае нешта својствени за највисоките поетски дострели – искреност и автентичност“.

Академик Луан Старова истакна дека тој е меѓу малкуте македонски литерати врзани исклучиво за поезијата која успева низ своите длабоко рефлексивни, филозофски и метафизички созвучја да оствари вистински подвиг – со својата поетика да надомести стадиуми од развитокот на македонската литература.

Академик Катица Ќулавкова нарекувајќи го Шопов македонски класик, истакна дека тој е пример што ја потврдува максимата дека поезијата живее и по смртта на авторот. Посочи дека неговата „Раѓање на зборот“ е најекспресивна и најпопуларна песна и оти може да се смета за манифест на македонскиот поетски симболизам.

– …Обредна, односно ритуална поезија, со висока доза на перформативност и изведбен капацитет, поезија со моќ да делува врз свеста на читателот, поезија која преобразува култури и формира традиции, поезија која утешува, која возвишува и вознесува…, рече Ќулавкова.

Ацо Шопов (20 декември 1923 – 20 април 1982) е автор на 12 поетски збирки во периодот од 1944-1980. Има и неколку избори од неговата поезија, а некои негови песни, како „Очи“ или „Тишина“, се дел од сите антологии на македонската поезија. Шопов е меѓу основачите на Друштвото на писателите на Македонија, членувал во МАНУ и во Македонскиот ПЕН центар и за своето творештво добил значајни книжевни награди. Од 1972 до 1976 Шопов бил и амбасадор на Југославија во Сенегал.

You May Also Like