Министерството за култура и Владата на Република Македонија во функција на реализација на Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија, започнаа со повеќе активности за враќање на сјајот на некогаш, најатрактивниoт и најпосетениoт дел во главниот град на нашата држава.
Министерството за култура по извршената анализа, утврди дека дел од објектите кои се наоѓаат во рамките на Чаршијата се соодветни за остварување на активности од различни области на културата и уметноста и дека овој дел од градот со сета своја убавина и услови кои ги нуди, претставува и одлична локација за развој и делување на повеќе занаети.
За таа цел и заради идентификување на потребите на приватните субјекти, во декември 2011 година, Министерството за култура објави конкурс за доставување на Писмо за интерес од страна на заинтересирани субјекти за користење простор во Старата скопска чаршија за остварување активности од различни области на културата и уметноста, како и од независната културна сцена.
Заради големиот интерес, Министерството за култура деновиве објави уште еден конкурс за доставување Писмо за интерес наменет за користење на простор во Старата скопска чаршија, за сите оние кои сакаат да ја развиваат и промовираат занаетчиската дејност. Со тоа преку изработка на производи што ќе бидат спој меѓу старото, традиционалното и современото ќе се зачува креативно-продажниот сегмент во занаетчиството.
Сите заинтересирани субјекти во Писмото треба да ги образложат своите активности, како и приближната големина на просторот каде што планираат да ги реализираат. Објектите ќе бидат користени според режимот за заштита на старото градско јадро на споменичната целина Стара скопска чаршија.
Конкурсот е достапен на веб-страната на Министерството за култура.