Вчера (среда, 22 август, 2012 година) во манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок започна 41-та традиционална меѓународна средба на книжевните преведувачи.
Годинашна тема на средбата е „Во преводот е вистината“, а меѓу гостите е и македонистот Волф Ошлис кој за неговиот превод на „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков на германски јазик, неодамна од страна на министерката за култура Елизабета Канќеска Милевска беше одликуван со признанието „Пријател на Република Македонија“.
Со свои излагања на годинашната тема „Во преводот е вистината“ ќе настапат и Ремзи Салиу (Германија), Марија Леонтиќ (Македонија), Марија Саревска (Македонија), Маргарита Маленкова (Македонија), Бистрица Миркуловска (Македонија), Ташко Ширилов (Македонија) и Стефан Симовски (Македонија), кој ќе се осврне на квалитетот на преводот на делот „За македонцките работи“.
Преведувачките награди за 2012 година по препорака на ФИТ (Светската федерација на преведувачите) и УНЕСКО ќе бидат доделени на 30 септември во Скопје на свечен собир по повод Светскиот ден на преведувачот.