Министерството за култура информира дека на Конкурсот за избор на директор на Националната установа „Охридско лето“ за директор на оваа институција е избрана Елизабета Јанкуловска.
Врз основа на предлогот од Комисијата, Канческа-Милевска одлучи дека Јанкуловска ги исполнува општите и посебните услови утврдени со Конкурсот, а во согласност со доставената Програма за работа и развој на установата за периодот 2011-2015 година, поседува стручни и професионални квалитети за извршување на оваа значајна функција.
Програмата на кандидатот е конципирана во неколку дела кои детално се објаснети поединечно. Она што го издвојува овој кандидат од останатите е донесување на стратегија за работа и развој на установата во периодот 2012-2016 година. Ова укажува на сериозноста на кандидатот, на тенденцијата долгорочно и темелно да се води установата и да се планира нејзиното работење.
Од доставената програма јасно се гледа високата професионалност во работењето, способноста за менаџирање и управување во културата, темелност во познавање на состојбите, добиена врз основа на долгогодишната активност во институциите од областа на културата.
На конкурсот се пријавиле шестмина кандидати, од кои само тројца ги исполнувале критериумите наведени во конкурсот.