Фестивалот на дувачки оркестри, што во чест на соборниот ден Павловден го организира Општината Пехчево, ќе се одржи од 10 до 13 јули.
Првиот Фестивал на дувачки оркестри во Пехчево беше организиран 2001 година и имаше локален карактер. Од година во година интересот за фестивалот е се поголем и последниве години со настапи на дувачки оркестри од соседните земји Србија и Бугарија добива меѓународни димензии.
Според пропозициите годинава секој оркестар ќе може да се претстави со програма во траење од 20 минути во кои задолжителна е изведба на едно македонско оро. Фестивалот на дувачки оркестри има натпреварувачки карактер. За најуспешните учесници се обезбедени вредни награди, а прво и второпласираните оркестри директно се пласираат и на реномираната трубачка манифестација во Гуча (Србија).
Организаторот, Општина Пехчево по избор на стручното жири чиј претседател е професорот на музичката академија Васил Атанасов на трите најдобри оркестри ќе им ги додели традиционалните награди „Златна труба, кларинет и тапан“.
– Во трите фестивалски денови се очекува Пехчево да го посетат околу 20 илјади гости од земјава и од странство. За прв пат годинава, по барање на младите за време на одржувањето на фестивалот во Пехчево ќе биде организирано кампување на градското фудбалско игралиште.