Средба на македонската министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска со амбасадорот на Белорусија во Србија, надлежен на Македонија, Владимир Чушев …
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Белорусија во Србија Владимир Чушев, кој е надлежен и за Република Македонија.
Канческа-Милевска и Чушев на средбата разговараа за односите во областа на културата межу двете земји и се согласија дека е потребна поголема размена на проекти и уметници кои би учествувале на фестивалите во Македонија и во Белорусија, како и поголема директна соработка меѓу институциите во двете земји. Исто така, во насока на зацврстување на културните врски, беше разгледана можноста да се иницира потпишување правен документ со кој формално би се регулирале односите во областа на културата меѓу Македонија и Белорусија.
Министерката за култура подвлече дека потпишувањето на еден ваков документ ќе придонесе за развивање на меѓусебните односи и подигнување на свеста, особено меѓу младите, за запознавање со историјата и културата на народите од двете земји.
На средбата министерката за култура го запозна амбасадорот и со инвестициите на Владата на РМ и на Министерството за култура, како и за соработката во сите дејности во културата.
Канческа-Милевска упати и отворена покана до министерот за култура на Белорусија за посета на нашата земја како и за присуство на одбележувањето на 10 годишниот јубилеј од постоењето на Форумот на словенски култури на почетокот на ноември годинава во Скопје.