„За домот се работи“ на Битолски го затвора МОТ

Денеска во 20:00 часот во Универзалната сала во Скопје ќе биде изведена претставта „За домот се работи“ на Народнот театар од Битола.

za_domot_se_raboti_nt_bitola

 

Автор на текстот на претставата „За домот се работи“ е Горјан Милошевски, а режисер е Мартин Кочовски.

Во „За домот се работи“ се преплетуваат шест приказни. Тие зборуваат за историски, библиски важни, фиктивни луѓе и популарни ликови од телевизиските екрани. Драмата се создава од клучните историски настани во животот на Гаврило Принцип, солунските атентатори, Кемал Ататурк, Ное и неговите синови, како и од животот на други значајни личности. Освен тоа, на нив се надоврзуваат конфликтите на современите Македонци и тоа преку драматизација на денешницата со употреба на постоечки и измислени проблеми. За домот се работи започнува со хуманистичките стремежи на ликовите, кои понатаму се разбиваат и ја откриваат голата вистина за нивната деструктивна природа. Претставата комуницира директно: преку јасни ставови, индивидуални и колективни пароли, заблуди и разумни согледувања и во неа, покрај другото, се застапени личните ставови на актерите во однос на ликовите што ги играат. Преку борбата да се зачува сопствениот дом, се отвораат темите за ропството, слободата и моќта на идејата, и се критикуваат застарените и малициозни историски, политички и религиски догми. Ниту еден од режимите за кои се зборува не е поштеден од критика, но тоа што останува непроменето, е тоа што на нишан секогаш остануваат обичните луѓе. Оваа претстава сака театарот да го претвори во една голема судница и така да ги поттикне луѓето да заземат свој став.
Горјан Милошевски

Со оваа претстава се спушта завесата на годинешниот фестивал и истовремено ќе биде одржан концерт на американската група Лемоло – Сиетл, САД на платото пред МКЦ во 22.30ч.

Лемоло е дрим поп бенд основан од Меган Грендал. Овој дует употребува гитара со тремоло или клавијатури од една страна и клавијатури и тапани од друга. Со убав ритмички глас како и минималистички аранжмани, музиката на Лемоло плени. По деби албумот насловен Каледиоскоп – независно издание обд 2012 година, кој беше најпродаван албум на Сoник бум рекордс, Грендал работи на вториот албум кој треба да излезе наскоро.

You May Also Like