Во организација на Општина Центар изминатиот викенд во летниковецот на плоштад Македонија започна серијалот „Концерти под отворено небо“.
Граѓаните имаа можност да уживаат во звуците на класичната и популарна музика, креирана во модерни елементи во изведба на „Ер Стрингс“ и Пламенка Трајковска – гудачки квартет.
Групата „Ер Стрингс“ со својата убава интерпретација изведе композиции од странски и македонски евергрини, како и безвременските хитови на познатите странски изведувачи Стинг, Мајкл Џексон, Лени Кравитз, Квин и други.
Во втората вечер, гудачкиот квартет изведе композиции, транскрипции на класична музика од Чајковски, Бах, Бетовен, Шопен, Брамс, Вивалди и други.
Љубителите на квалитетната музика, за следните викенди ќе можат да ги проследат концертите на: „Фор Стрингс“, „Танго трио“, „Арте Стринг квартет“, како и настапот на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.