Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со Џерард Кор, амбасадор на Ирска во Букурешт, кој е надлежен и за Република Македонија.
На средбата беше потенцирано дека Министерството за култура на Република Македонија е заинтересирано за проширување и интензивирање на културната соработка со Ирска, а беше разгледана и можноста за потпишување правен документ со кој формално би се регулирале односите во областа на културата меѓу двете земји. Министерката за култура подвлече дека потпишувањето на еден ваков документ ќе придонесе за развивање на соработката во областа на културата.
Канческа-Милевска и Џерард Кор се согласија дека е потребна поголема размена на уметници кои би учествувале на значајни културни манифестации во Македонија и во Ирска.
На средбата министерката Канческа-Милевска го запозна амбасадорот Кор и со инвестициите на Владата на РМ и на Министерството за култура, како и за соработката во сите дејности во културата.