Во Безистен кафе Галерија 8 вечер (вторник, 02 април 2013) во 20:30 часот ќе се отвори изложбата на академскиот сликар Сашо Ацковски „Being (Virtual), …or Not” .
Станува збор за 20 минијатурни дела (наспроти мегаломанските глобални трендови), насликани на електронски панели со маслени бои.
При создавањето на делата, авторот тргнува од фактот на се почесто и подолготрајно бегство на човекот во виртуелниот свет за сметка на активното присуство во реалниот свет. Токму затоа користи електронски плочи како носач, на кои слика ликови преземени од социјалните мрежи. Паралелно со тоа поставува повеќе прашања, дали виртуелноста е екстензија на реалноста, или е нејзина нова димензија? Дали треба да се преиспита и предефинира поимот “реалност” (реален свет)? Тоа се прашања на кој што одговорот треба да го даде публиката.
Организатор е Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а изложбата ќе трае една вечер.