Софискиот театар со „Лет над кукавичкото гнездо“ гостува во МНТ

Што му треба на човекот за да биде самиот тој, доследен на својата личност, е основната идеја во „Лет над кукавичкото гнездо“, рече режисерот Александар Морфов, за претставата со која театарот „Иван Вазов“ од Софија утревечер ќе гостува на „МНТ Фест“.

teatar_ivan_vazov_let_nad_kukavickoto

Познатиот бугарски режисер денеска на прес-конференција рече дека избрал сосема поинаква драматуршка линија, различна од истоимениот филм на Милош Форман, иако се зачувани некои препознатливи сцени. – Излеговме од клишето на филмот на Форман и од пиесата на Васерман, која беше популарна во социјализмот, и работевме по романот на Кен Кизи.

Идејата беше да го најдеме современото значење и се покажа дека не е тешко. Романот е актуелен иако е напишан пред 40 години. Како последица на животот што го живее, човекот престанува да биде тој и да биде личност. Над 35 проценти од луѓето живеат со психички нарушуања, притиснати од секојдневните проблеми, даноци, такси, политика… Минатата година имаше масовни самоубиства и самозапалувања и тоа добива епидемиски карактер и Бугарија не е единствен случај. Ова е минимодел на општество, за човек кој нема проблем да биде своето јас, рече Морфов. За процесот на работа посочи дека не се разликувал од другите негови претстави – темелна подготовка и читање, но и разговори со психијатри и со луди луѓе, а за да нема влијание, не го гледал филмот на Форман додека ја правел претставата.

– На почеток им давам слобода на актерите за импровизација и тоа полека се претвора во драматургија и сцена, рече Морфов за претставата која по четири години од премиерата и над сто изведби пред полна сала, првпат гостува во странство. Се работи за голема продукција, дојдени се 25 актери и три камиони сценографија.

Уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски истакна дека Александар Морфов е еден од најзначајните режисери во Европа кој, како што рече, ја наметнува и диктира естетиката на современиот театар.

– Како студент во Софија, израснав со неговите претстави и имам увид во целото негово творештво, рече Пројковски. Претставата трае околу три пол часа, ќе почне во 20 часот, а утре напладне МНТ ќе организира и отворена средба со Морфов на тема „Мојот театар“. Тој и е познат на македонската публика зашто негови претстави гостувале на Охридско лето и на фестивалот МОТ, а има соработувано со Битолскиот театар за претставата „Декамерон“.

Првиот „МНТ Фест“ почна вчеравечер со претставата „Вечната куќа“, која беше прекината поради невремето што го зафати Скопје.

– Театарот функционира нормално и без проблеми. На сцената работиме со полна пареа. Театарот е целосно осигурен од елементарни непогоди и од кражби, рече уметничкиот директор Пројковски.

You May Also Like