По повод Светскиот ден на здравјето 7-ми април, Општина Гази Баба и компанијата за здрава храна Виталиа, реализираа заеднички училишен едукативен проект за запознавање на децата од основните училишта за важноста од здравата исхрана.
На завршната манифестација во Спортската сала „Методија Андонов Ченто“ во Маџари, околу 250 ученици од 11 основни училишта поделени во тимови ги претставија своите поетски творби, скулптури и рецепи за здрав оброк, изработени под мотото „Здрава храна за здрави детски насмевки“.
Манифестацијата ја отворија градоначалникот Тони Трајковски и претставникот од Виталија, Д-р Нела Деспотовска, кои ја истакнаа важноста на здравата храна како една од најважните компоненти за правилен развој на децата од најраната возраст. Исто така, едукацијата на најмладите за важноста на здравата храна врз нивниот понатамошен развој претставува многу важен сегмент, како во работењето на Виталија, така и на општината Гази Баба.
Целта на реализирање на заедничкиот проект, е подигање на свесноста кај најмладата популација за создавање и практикување на здрави навики во исхраната, развивање и поттикнување на креативноста, а во исто време и да дадеме подршка на Денот на здравјето, како глобална иницијатава за градење на здрави поколенија.
Специјалната жири комисија составена од професионален нутриционист и преставници на Виталиа и Општината Гази Баба, за најдобри ги избраа: во категорија скулптури – ОУ Вера Јоциќ, ОУ Дане Крапчев и ОУ Крсте Мисирков, во категорија рецепти – ОУ Наум Охридски, ОУ Н.Н. Борче и ОУ Стив Наумов. За најдобри литературни творби , беа избрани: Исмет Сулејманов и Ванеса Абаз, од ОУ Н.Н. Борче, Тамара Јакимовска, од ОУ Његош и Сандра Цветаноска, од ОУ Стив Наумов.
Најдобрите беа наградени со пригодни подароци од општина Гази Баба и компанијата Виталиа, додека публиката имаше можност да ја проследи културно забавната програма подготвена од ученици.
Поради успешно реализираниот проект, Општина Гази Баба и компанијата Виталија, се сложија дека овој настан има тенденција да прерасне во традиционален.