Монографска книга за животот и делото на Боро Митриќески

На 10 ноември 2011 (четврток), со почеток во 13:00 часот во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам ќе се промовира монографската книга за животот и делото на доајенот на македонската современа скулптура, академик Боро Митриќески, чиј автор е кустосот Ана Франговска-Стојановска.

Со оваа книга уште еднаш се апострофира потврденото значење, улогата и позицијата на овој еминентен уметник во формирањето на ликот на македонската современа скулптура.

Академик Митриќески (1927) прославува 60 години творештво, а неговиот придонес во формирањето на правецот на движење и модернизацијата на македонската современа пластика, како и неговиот придонес во монументалната споменична скулптура е од несомнено значење за уметноста и културата на македонко тло.

Монографијата ќе ја промовираат директорката на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Маја Крстевска, г-дин Паскал Гилевски и г-дин Ефтим Клетников. Промоцијата ќе биде проследена и со прикажување на документарен филм за Боро Митриќески од Лаки Чомчевски, ќе се чита поезија напишана за академик Митриќески и ќе бидат изведени музички точки од ученици при Музичко – балетски училишен центар “Илија Николовски-Луј”.

You May Also Like