СОКОМ ги објави номинациите за наградата „Виртуози“

СОКОМ ги објави кандидатите за наградата „Виртуози“ за исклучителни успеси во 2013-та година, во областа на музичката и балетската уметност…

Sokom-logo

Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) ги објави кандидатите за наградата „Виртуози“ за исклучителни успеси во минатата година, во областа на музичката и балетската уметност. Тие се номинирани од десет национални установи, високообразовни институции и здруженија на граѓани.

Награди ќе бидат доделени во девет категории, а изборот ќе го направи 11-члено стручно жири. Наградените ќе бидат соопштени на гала-вечер на 7 март во Македонскиот народен театар.

Во категоријата „Музички организатор“ номинирани се: Македонската опера и балет, Македонската филхармонија и фестивалот „Охридско лето“;

Категорија „Камерен ансамбл“: Дуо Кировски, Скопски дувачки квинтет и Трио „Академико“;

Категорија „Музички публицист“: Бранка Костиќ-Марковиќ, Крсто Скубев и Милица Шкариќ;

Категорија „Млад музички уметник“: Александар Коловски, Квартетот „Аулос“ и Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност;

Категорија „Музички настан“: балетот „Александар ИИИ Македонски“, концертот на Дмитри Хворостовски со хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, и концертот на Кшиштоф Пендерецки со Македонската филхармонија;

Категорија „Музичко-сценски уметник“: Славица Галиќ-Петровска, Весна Ѓиновска-Илкова, Саша Николовски Ѓумар;

Категорија „Композитор“: Дарија Андовска, Љубомир Бранѓолица и Дамир Имери;

Категорија „Меѓународна афирмација“: кларинетистот Васко Дуковски, обоистката Гордана Јосифова-Неделковска и пијанистот Никола Паскалов;

Категорија „Музички изведувач“: пијанистката Марија Ѓошевска, флејтистот Страшо Темков и диригентот Борјан Цанев.

Наградата „Виртуози“ беше востановена и првпат доделена минатата година, на иницијатива на Министерството на култура, СОКОМ, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет.

Први добитници беа Македонската филхармонија, камерниот ансамбл Мјузик прогресив квартет, музикологот Марко Коловски, младиот пијанист Дино Имери, манифестацијата „Денови на македонска музика“, оперската дива Ана Дурловски, композиторката Дарија Андовска, пијанистот Симон Трпчески и пијанистката Марија Вршкова.

You May Also Like