Изложбата „Современа македонска фотографија“ ќе биде отворена денеска (вторник, 25 септември, 2012 година) во 20:00 часот во галеријата Принципиј во Ријека, Хрватска, а ќе ја отвори почесниот конзул на Р.Македонија во Хрватска Горан Калоѓера.
Македонската современа фотографија ќе биде претставена преку работата на 31 автор и 45 изложени дела.
Изложените фотографии се избор на уметничкиот совет при Фото сојузот на Македонија, кој преку оваа селекција сакаше да ја презентира фотографијата во Македонија денеска, но и работата на авторите од разни генерации, кои работат самостојно или како членови на фото клубовите, како и мотивите и идеите кои авторите најчесто ги преокупираат.
„Овие 45 фотографии се силно поврзани и вмрежени со изворната праисконска идеја на фотографијата. Го имаат уловено животот или поединостите кои животот го чинат поубав. Дали е тој живот фатен на улица, во од, или е режиран според магичната снимателска имагинација на авторот и преточен во трајна фотографска слика, на крајот не е воопшто битно. Творечките патишта на авторите се различни, а методиологиите силни и персонални. Резултатот на овие индивидуалности е актуелна и современа фотографија, која со самиот чин на избор од страна на стручното тело се престорува во историски факт и по овој автоматизам преминува во архивски материјал. Не само архивски материјал, туку добива значење на културно добро бидејќи ја претставува фотографската работа на една земја. Духот и свежината од непосредноста на овие фотографии силно се чувствува…“ во каталогот за изложбата ќе каже проф. Борислав Божиќ.