Снуп Дог и Блок Парти на Егзит

Р:Еволуцијата на Егзит почна да се забрзува и сѐ е поголем бројот на врвни светски изведувачи кои и’ се придружуваат. Легендата на хип хоп музиката и големата поп ѕвезда, Снуп Дог ака Снуп Лајон (Snoop Dogg aka Snoop Lion) и „Блок Парти“ (Bloc Party), еден од најголемите светски бендови на инди-рок сцената, со своите настапи на главната бина на ЕГЗИТ фестивал ќе и се придружат на ЕГЗИТ Р:Еволуцијата 2013.

 


Поминаа точно две децении од сега веќе историскиот, славен деби албум „Doggystyle“, кој го претвори ликот на Снуп Дог во планетарен феномен. Се работи за изданието кое на незаборавен начин, не губејќи од звучната сериозност, внесе остар уличен хумор во хип хоп светот, со кој во тоа време владееа претежно музички гангстери. Хуморот и опуштеноста во сите ситуации се она што го издвои талентираното, понекогаш и проблематично момче, од надоаѓачкото море „опасни“ ѕвезди во тренерки и патики.

Денеска Снуп е еден од најпрепознатливите музичари во светот. Тој статус го заработи вешто комбинирајќи ја својата најголема љубов – рап музиката – со други музички стилови преку соработките со поп ѕвездите како што се Кети Пери (Katy Perry) и Алиша Кис (Alicia Keys), но и продуцентите на електронската музика како Дејвид Гета (Davida Guettа) и Боб Синклер (Bob Sinclar).

Оваа година, во истиот момент како и ЕГЗИТ, Снуп Дог минува низ Р:Еволуција од која се раѓа неговиот нов лик. Старата фасцинација со Јамајка, како и новото име Снуп Лајон го најавуваат неговиот следен албум „Reincarnated“, но и документарниот филм кој го следи неговото патување по овој карипски остров. По тој повод Снуп изјави: „Со овој албум сакам да испратам порака за љубов и да го насочам вниманието кон одличната музика создадена на овој прекрасен остров, чија намена отсекогаш била позитивно да го менува светот и има свој посебен живот“. Токму од желбата за промена и оддавање почит на некои од предводниците на хип хоп културата, произлезе Снуп Лајон, кој својот нов звук ќе го претстави пред публиката на најголемата бина на ЕГЗИТ фестивал, секако покрај хитовите на стариот добар Снуп Дог.

Посебен специјалитет на овогодинешниот ЕГЗИТ ќе бидат „Блок Парти“  кои спаѓаат во елитата на современата глобална алтернативна рок култура. Со посебно задоволство можеме да најавиме дека настапот на харизматичниот Келе Окереке и неговиот инди-рок состав на овогодинешниот ЕГЗИТ фестивал ќе биде и нивниот премиерен настап пред публиката во регионот.

После успехот на генијалниот прв сингл „She’s hearing voices“, со својот деби албум „Silent Alarm“ обезбедија статус на инстант ѕвезди на инди-рок сцената, освојувајќи ги и наградите за албум на годината и најдобар нов бенд по избор на највлијателните музички списанија. Следното ЦД – „A Weekend In The City“ – донесе во 2007 уште гитарски гламур и неколку битни, емотивни песни, наметнувајќи ги Блок Парти како предводници на некои од најзначајните светски фестивали.

До тогаш веќе стана јасно дека нивни музички примери повеќе се светкавите рокери како Суед (Suede) и Дејвид Боуви (David Bowie), отколку искинатиот пост-панк звук на Генг Оф Фор (Gang Of Four), на кој само наизглед му беа блиски. Благодарение на јавните настапи на Келе и неговиот личен ангажман околу општествените прашања, составот се здоби со аурата на општествено свесни активисти. Интересно е и дека Кемикал Брадерс (Chemical Brothers) го регрутираа Келе како гостин пејач на својот познат албум „Push The Button“.

После пауза од четири години, во 2012 го објавија долгоочекуваниот, повратнички албум „Four“, кој доживеа голем успех и предизвика бројни позитивни критики. Блок Парти е бендот со кој на ЕГЗИТ се затвора еден магичен круг, имајќи предвид дека Франц Фердинанд (Franz Ferdinand) и Арктик Манкис (Arctic Monkeys), претставниците на оваа брилијантна генерација на британските рок револуционери, веќе имавме прилика да ги чуеме на Петроварадинската тврдина.

Кога станува збор за Денс Арената, престижниот музички магазин „Вајб“ (Vibe) ја издвои токму оваа бина и ЕГЗИТ фестивалот како една од трите најдобри летни фестивалски дестинации за сите љубители на електронската музика. Тоа реноме ќе го оправдаат првите потврдени изведувачи од овогодинешната програма на Денс Арена, најнапред Сет Трокслер (Seth Troxler), најдобриот диџеј на светот за 2012 во изборот на референтниот водач „Резидент Адвајзор“ (Resident Advisor), човекот чие иновативно вкрстување на техно и хаус звукот ги помести границите на електронскиот звук кон иднината, потоа легендарниот Дабфајр (Dubfire), некогашниот член на славното и кај нас омилено њујоршко продуцентско дуо Дип Диш (Deep Dish), но и исклучителните и врели имиња како што се Пан-Пот (Pan-Pot), Матадор лајв (Matador live), СубАн б2б Адам Шелтон (SubbAn b2b Adam Shelton), Аполониа (Apollonia) и Дениз Куртел (Deniz Kurtel).

Посебно треба да се истакне и „Икс-бејс“ (X-bass) програмата која се реализира во соработка со УКФ (UKF), најголемата светска платформа за андерграунд и бејс музика, како и до сега потврдените изведувачи на оваа бина – Диџеј Фреш Лајв (DJ Fresh Live), Фрикшн (Friction), Скизм (Skism) и многу други.

Во моментов, актуелната цена на петдневните влезници за фестивалот изнесува 3.580 денари, а во Македонија можат да се купат во продажната мрежа на МКтикетс и Југотон (ГТЦ) во Скопје. Во тек е и акцијата на Егзит, „Љубовна Р:Еволуција“ со која до 8ми март сите парови кои ќе ги купат своите фестивалски влезници, добиваат бесплатно место во Егзит кампот!

You May Also Like