Во пресрет на издавањето на новиот албум „Сон. Верба. Љубов.“ (“Dream, Faith. Love.”) нашиот музичар Дуке Бојаџиев ќе настапи пред њујоршката публика. Концертот на кој што Бојаџиев ќе понуди компилација од новиот и стариот материјал, ќе се одржи на 23 март 2012 година во клубот Дром во Њујорк.
На овој настап, Бојаџиев ќе биде придружуван од Ара Динкијан (уд), Мат Килмер (перкусии), Васко Дуковски (кларинет), Исмаил Лумановски (кларинет), Влада Томова (вокал); како и Мјузик прогресив квартетот предводен од виолинистот Владимир Крстев.
Потсетуваме, нашиот меѓународно реномиран композитор, пијанист и продуцент Дуке Бојаџиев повеќе од 10 години живее и креативно создава во Њујорк. По електронските настапи со Кирил Џајковски и ТК Вондер во 2008 (Егзит во Војводина, ВИПин во Загреб, Пиво фест во Белград и Оффест во Скопје) и соло настапот 2010 во Капан Ан во Скопје, минатата година го видовме во едно друго, акустично издание.
Откако премиерно во преполниот Карнеги Хол во Њујорк беше изведен проектот Love is the way, тој својот концерт за пијано и оркестар го донесе на Охридското лето 2011. Изведбата во Античкиот театар беше примена со одушевување на публиката и критиката.