Скопско лето: концерт на гитаристот Андреш Чаки

Вечер (вторник, 10 јули) во 20:30 часот во Даут пашиниот амам концерт ќе одржи унгарскиот гитарист Андраш Чаки. На програмата се дела од Бах, Лист, Мерц, Барток, Албениц.

Даут пашин амам
Даут пашин амам

 

Андраш Чаки е роден во Будимпешта во 1981 година. Гитара започнува да учи на 11-годишна возраст. Во 1996 година се запишува на Музичкиот конзерваториум „Бела Барток“, а студиите ги продолжува на Академијата за музика „Франц Лист“, каде во 2007 година дипломира со највисоки признанија. Работел со најдобрите унгарски професори по гитара, како Јозеф Еотвос, Еде Рот, Сандор Шилваги, а редовно учествувал на мајсторски курсеви низ целиот свет, каде работел со светски признаени имиња.

Неговата меѓународна кариера започнува во 1999 година кога ја освојува првата награда на меѓународниот музички натпревар „Др. Луис Сигал“ во Чиле. Победата на овој престижен натпревар му носи голем број концертни можности и тој остварува рецитали во Австрија, Босна и Херцеговина, Канада, Чиле, Чешка, Естонија, Франција, Грција, Полска, Германија, Јапонија, Норвешка, Романија, Србија, Словачка, Шпанија, Венецуела и САД. До 2011 година, Чаки освојува 24 награди, меѓу кои најзначајни се првите награди на Интернационалниот натпревар по гитара во Токио, натпреварот  “Michele Pittaluga” во Италија, меѓународниот натпревар “Nikita Koshkin” во Калкута, Индија, меѓународниот натпревар “Julian Arcas” во Шпанија, втора награда на Интернационалниот натпревар на концертни уметници во САД, како и втора награда на меѓународниот натпревар “Francesco Tarrega”.

 

Андраш Чаки остварува богата концертна дејност како камерен музичар, а настапувал и како солист на гитара со симфониски оркестри во Унгарија и странство. Неговиот прв компакт диск насловен како “My Favourite Pieces” беше издаден во 2009 година и содржи композиции на Бах, Џулиани, Бариос, Морел, Фаркас и Кастелнуово – Тедеско. Неговиот втор компакт диск беше издаден од страна на Naxos во 2010 година.

Андраш Чаки е професор на конзерваториумот „Бела Барток“ и асистент на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта. Раководел со работилници и мајсторски курсеви во САД, Англија, Естонија, Франција, Грција, Романија и Унгарија.

You May Also Like