Вечер (понеделник, 3 декември, 2012) во 20:00 часот во домот на АРМ, по повод 46 години од постоењето на Факултетот за драмски уметности, концерт ќе одржи Симфонискиот оркестар. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде Саша Николовски-Ѓумар.
Во првиот дел од програмата афирмираните Ана и Игор Дурловскиќе ја изведат кантатата „Стабат матер“ од италијанскиот композитор Џовани Батиста Перголези, а во вториот дел публиката ќе има можност да го проследи оркестарското дело „Слики“ од Клод Дебиси, кое за прв пат интегрално ќе се изведе во Македонија, а со него ќе се одбележат 150 години од раѓањето на овој француски композитор.
Симфонискиот оркестар на ФМУ е сочинет од студенти на додипломски и постдипломски студии со солисти – студенти од вокално инструменталните класи. Во низата проекти на ансамблот се премиерите на капиталните дела од светскиот симфониски репертоар, но и од современата македонска музика. Четириесетгодишниот јубилеј на ФМУ во 2006-та го одбележа извонредниот настап на оркестарот и маестро Симон Трпчески под диригенство на Саша Николовски Ѓумар, а минатата година, четириесетипеттиот јубилеј со концерт на Симфонискиот оркестар со изведбата на увертирата „Ромео и Јулија“ од Чајковски и Суитата од балетот „Спартак“ од Хачатурјан.
– Прославувањето на 46 годишното постоење на Факултетот за музичка уметност ќе започне попладне кога на факултетот ќе бидат доделени дипломите на дипломците и постдипломците на нашата установа. Потоа, пред самиот почеток на концертот во 20ч во домот на АРМ свечено ќе биде доделена наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ за најдобар студент на одделите по композиција, музикологија, диригирање и музичка теорија и педагогија на ФМУ во учебната 2011/2012 година, која ќе ја добие Ирена Јовановска, дипломец на одделот за музичка теорија и педагогија- изјавува Деканот на ФМУ Горгана Јосифова Неделковска.