Кореецот Ко Ун добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата

Јужнокорејскиот поет Ко Ун е добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2014 година, соопшти Дирекцијата на фестивалот денеска на прес-конференција. Ун (1933) има слава на национален поет и е меѓу најзначајните имиња на светската поезија.

kanceska-milevska MANU struski veceri

Во одлуката на одборот стои дека наградата му се доделува за „…високите уметнички остварувања, особениот поетскиот израз и силината на поетскиот сензибилитет преку кој човекувањето е преточено во поетско творештво“. Во присуство на неколкумина академици, одлуката во МАНУ ја соопштија првите луѓе на фестивалот – директорот Мите Стефоски и претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорго Димоски.

Се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која му ја честиташе наградата на Ко Ун и му посака успешно издание на фестивалот во 2014.

Struski_veceri_MANU 3

– Творештвото на овој автор е исклучително значајно по своите естетски и поетички особености. Критичарите се единствени во рецензиите кои говорат дека неговиот огромен опус од 150 дела не може да се спореди со творештвото на ниту еден жив автор во светот. Завлезен во своите осумдесет години, поетот Ун и денеска изненадува со својата творечка виталност која го држи на самиот врв на светскиот поетски интерес. Иако првенствено „Златниот венец“ се однесува на неговата творечката дарба, симболично преку неа се наградени и сите поетски вредности на азиската книжевност, на кои припаѓа и една голема литература како што е корејската, рече Канческа-Милевска.

Признанието на Ко Ун ќе му биде врачено во август, за време на 53-те Струшки вечери на поезијата. Во писмо до СВП Ко Ун пишува дека наградата од Струга ќе го охрабри уште повеќе да напредува како поет.

Struski_veceri_MANU 2

– Постоеше едно златно доба на поезијата, кога луѓето првпат почнаа да поставуваат светилници кои гледаа кон полунебјето на океаните од овој свет и ги испраќаа своите зраци-водилки. Оттогаш, светилникот е синоним за поезија. Јас сум убеден дека поезијата ќе продолжи да ја извршува улогата на светилник во иднината на човековата историја, напишал Ко Ун во обраќањето до СВП по повод изборот тој да биде годинашен лауреат на фестивалот.

Ко Ун е роден е во 1933 во градот Гунсан, во корејската провинција Чола, во време кога земјата била под окупација на Јапонија. Поетскиот опус му е огромен, напишал повеќе од кој било корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија. Комплетното творештво објавено пред неколку години е собрано во 40 томови. Ален Гинзберг го опишал како „грандиозен поет, комбинација на будистичка маестралност, страстен политички либерал и историски натуралист“, а дека пезијата на Ко Ун ја отсликува корејската душа.

Struski_veceri_MANU 1

Во најраниот творечки период, од 1952 до 1962, тој е монах на екстремна зен пракса, од 1962 до 1972 неговиот поглед кон нештата е темен и нихилистички, со очај и себеотфрлање, а помеѓу 1973 и 1983, во годините на социјалните немири и интензивирањето на продемократското движење, поетиката на Ко Ун добива нова трансформација. По годините во затвор, од 1983, станал многу продуктивен и напишал многу поетски збирки, меѓу кои и неколкутомните „Десет илјади животи“ и „Планината Паекту“. Овие дела се последица на случувањата поврзани со Движењето за демократија во мај 1980, кога стотици граѓани биле убиени од корејската војска, како и поетовото апсење, затворање и соочување со смртта. Од тогаш поетот издал над 40 книги.

Во неговите песни се манифестира широк диверзитет: епиграми во неколку реда, долги дигресивни стихови, епични, пасторални, па дури и некои жанрови кои самиот тој ги создал, а можат да се наречат поп -историски песни.

You May Also Like