„Суперхикс“ го превртеа Скопје наопаку

Саботниот „Таксират Позитивен концерт“ на најдобар начин покажа дека токму Суперхикс се меѓу малкуте македонски бендови кои можат да ја преполнат „Метрополис Арена“ на солистички концерт и дека имаат неверојатна поврзаност со своите подржувачи кои знаат како да го превртат Скопје наопаку. Повеќе од 5000 фанови беа дел од концертот за паметење, кој не стивна се’ до утринските часови.

Грандиозната забава на Суперхикс беше финално одбележување на славеничката година, но и прекрасна завршница на сите активности кои бендот ги покрена пред концертот. Фештата започна уште со настапите на младите бендови „Молокаи“ и „Чарли Хит“, за потоа еуфоријата да го достигне врвот кога до сцената пристигнаа на мотоцикл-приколка и повеќе од два часа не дозволија да стивне вжештената атмосфера во публиката.

На концертот на Суперхикс лудилото не беше само во фан пит, туку буквално сите кои вчера присуствуваа на големиот позитивен концерт, се забавуваа со ист жар. Од оние во првите, па сѐ до луѓето во најодалечените редови; од првата , па до последната отсвирена песна. Немаше ниту еден во разиграната публика кој не беше вклучен во едногласното пеење, овациите, скокањето и комплетно лудата забава. Ако мора да се одвојат најенергичната и највпечатливата слика на вечерта, тогаш тоа би била најголемата „шутка“ до сега на „На лута рана“ и заедничкиот скок на петилјадната публика за време на песната „Африка“.

Со концертот на Суперхикс заврши и off-програмата на „Таксират 14“. На „таксиратџии“ им остануваат уште неколку дена пред конечното четиринаесетто  финале, кое според комбинацијата на артистите кои ќе настапат, има потенцијал да биде најлудото издание на фестивалот до сега. „Таксират“ е подготвен да не ја изневери својата максима и доаѓа во формација која и тоа како има нерв да предизвика незаборвни искуства, а „Таксират“ да продолжи како значаен момент во изградбата на ново музичко Скопје, особено преку револуционерите на контра-културата.

Главната фестивалска вечер ќе се одржи во саботата (8  декември), во „Метрополис Арена“, а својот настап на „Таксират 14“ го потврдија: најдобриот „лајв“ бенд годинава според списанието „Метал Хамер“ – Скиндред, панк-ска бунтовниците Че Судака, култната македонска рап унија Чиста околина, таткото на електро-свингот Паров Стелар, еминентниот виртуоз на балканската електро-сцена Кирил Џајковски и регионалните рок херои Ван Гог. Артисти кои се гаранција за исклучителни настапи во живо и луда концертна атмосфера.

You May Also Like