Празничен македонски ден на Саемот во Москва

По повод Денот на независноста на Република Македонија, денеска (8 септември, 2012 година) на 25 Меѓународен саем на книгата во Москва се одржува Денот на Република Македонија.

На македонскиот штанд, на кој се донесени дури над 1.600 книги и обемно количество рекламен и промотивен материјал, ќе се одржат неколку пригодни активности. По тој повод, да го посетат македонскиот штанд, кој е оформен со препознатливи македонски национални белези, поканети се гости од научните и културите кругови, но и македонски пријатели и македонски државјани кои живеат во руската метропола.

Меѓу другото, се очекува гостите да ги поздрави амбасадорот на Република Македонија во Руската Федерација, господинот Илија Исајловски, а во чест на празникот ќе биде послужено македонско вино. Со пригодна актерска програма со содржини поврзани или посветени на Македонија ќе настапат неколкумина актери од московските театри.

Денес на штандот на Република Македонија ќе бидат промовирани и четири изданија. Првин ќе бидат претставени двете изданија на руски јазик специјално подготвени за овој саем: книгата на игумен Никола (Трајковски) „Руските монаси во Македонија“ и „Десет романи на 21 првиот век“, преку кои пред руските читатели и издавачи е претставена новата македонска проза, првата преведена од Елена Верижникова, а втората од Олга Панкина. Потоа ќе биде претставена и „Енциклопедијата на естетиката и на теоријата на литературата“ на македонски јазик на рускиот академик и еден од водечките естетичари во светот Јуриј Борев. Тој веќе го посети македонскиот штанд и сите свои научни и уметнички дела ги отстапи бесплатно за објавување на македонски јазик. Инаку, освен споменатата Енциклопедија, објавена во почетокот на годинава, на македонски јазик веќе е објавена и неговата „Естетика“.

На македонскиот штанд ќе биде промовиран и еден од најновите преводи на руски јазик – тоа е романот „Невестата на змејот“ на Влада Урошевиќ, кој ќе биде присутен на промоцијата. И ова дело е во превод на Олга Панкина.
На саемската промоција ќе зборуваат Нове Цветаноски, управител на „Македонска реч“, преведувачите Елена Верижникова и Олга Панкина, а за својата книга и академик Влада Урошевиќ.

македонскиот штанд во Москва го организра Издавачката куќа „Македонска реч“. а со финансиска поддршка на Министерството за култура.

You May Also Like