Се санира кровот на манастирот „Св. Богородица“ во струмичка Вељуса

Во тек е санација на кровниот покривач на манастирот „Св. Богородица“ во с. Вељуса, Струмица, проект одобрен во програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

sveta bogorodica veljusa (1)

Реализацијата на овој проект ќе овозможи да се зачува изворниот изглед на манастирот, кој е бисер на средновековните споменици во Македонија и на кој досега се вршени само интервентни зафати за заштита од протекување, а поголеми санации не се изведувани во последните 30 години.

sveta bogorodica veljusa (2)Во рамките на санацијата која ја вршат стручни лица за конзервација од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Струмица, се работи на комплетно чистење на надворешноста на објектот, како и на зацврстување на прозорците на куполите со специјални материјали. По санацијата ќе се продолжи со конзерваторските истражувања во делот на архитектурата на манастирот, фрескоживописот, подните мозаици, како и санација на влагата на дел од фасадата која е уникатна по начинот на изведба.

Манастирската црква „Пресвета Богородица Милостива” е подигната од струмичкиот епископ Мануил. Овој сакрално-културен споменик и духовно средиште од 11 век зазема мошне високо место во македонската црковна и културна историја и е вреднуван како еден од најмаркантните културно-историски споменици на почвата на Македонија. Во манастирот се одвивала значајна творечка, препишувачка и преведувачка активност.

За одбележување е некогашното богатство на колекцијата од икони со сребрени и позлатени опкови и со богата орнаментика. Манастирската црква до денес е активна и од 1996 година функционира како женски манастир во којшто се негуваат истите монашки вредности воспоставени уште во периодот на раното христијанство.

You May Also Like