Синоќа (петок, 15 јуни) во одличниот амбиент на Куршумли ан, започна третото издание на фестивалот за креативен документарен филм, „Македокс“.
Фестивалот го отворија: документарниот филм „Изморениот патник“, на великанот на македонската кинематографија – Благоја Дрнков, документарниот филм „Бебиња“ на наградуваниот француски режисер Томас Балме, и филмот „Мама Африка“ на докажаниот фински режисер и продуцент Мика Каурисмаки.
На првата вечер беше отворена и изложба на фотографии на двајцата современи македонски автори-документаристи, Томислав Георгиев и Огнен Теофиловски.
По денешното прикажување на „Копнежлива дивина“, холандското патувачко кино во 17 часот во Детскиот театарски центар во Скопската чаршија, на истото место во 19 часот се прикажува „Нејзиното кино љубов“ од Босна и Херцеговина, како и документарецот „Александријки“ (словенечка-италијанска-египетска копродукција), кој се фокусира на болната женска емиграција.
Вториот ден на „Македокс“ во Куршумли ан, пак, ќе стартува со „Дискусии под смоква“ на тема „продукција“, со Беатрис Вангонду, (продуцентка од Африка), Мартичка Божилова (продуцентка од Бугарија) и Ханка Кастелицова од Словенија.
Во 21 часот, пак, ќе биде прикажан документарниот филм „Авганистанска камера во кутија“, по него „Носталгија за светлината“, а за крај на саботната програма, документарците „Враќање“ од Полска и „Ноќен стражар“ од Мексико.