Читајќи дел од неговата стихозбирка „Забранета книга“, поетот и автор Веле Смилевски, го отвори традиционалното поетско матине, коешто секоја година се одржува на платото пред манастирот „Св. Андреа“ на езерото Матка.
На годинешното 50-то јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата, за оваа стихозбирка, Веле Смилевски ја освои наградата “Браќа Миладиновци” за 2011 година, која фестивалот ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу две фестивалски изданија.
Поетското Матине се реализира во рамките на 50-то издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, домаќин е Градот Скопје, а покровител е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. На ова матине пред скопјани свои поеми презентираа повеќе уметници од голем број на држави, кои беа и дел од СВП во Струга. На традиционалната поетска средба во Матка годинава имаше поети од Чиле, Австралија, Франција, Судан, Панама, Сенегал, Русија, Бугарија, Србија и Малта.
Присутните ги поздрави Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, која им посака добредојде на учесниците и им посака убав престој во Скопје.
– Во името на Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ве поздравувам Вас, поетите учесници во една од најважните културни манифестации во Република Македонија. Сигурна сум дека Матка, со пештерата Врело, можат да Ви послужат како голема инспирација, исто како и реката Дрим и Охридското езеро – истакна Мишева.
На традиционалната поетска средба пред присутните се обратија и Директорот на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, Данило Коцевски, како и Претседателот на Управниот одбор на фестивалот, Славе Ѓорго Димоски.