Нова книга од Ранко Младеновски

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Деконструкција на ликот“ од Ранко Младеновски.

Dekonstrukcija na likot_predna korica

Оваа книга претставува современа анализа на ликот, како еден од основните раскажувачки елементи, и тоа од аспект на неговата семантичка дезинтеграција и морална деградација. „Деконструкција на ликот“ обработува современа проблематика во рамките на теоријата на литературата и мошне умешно и многу солидно ја покажува нејзината примена врз конкретен белетристички материјал од македонската современа книжевност – прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски.

Еден од рецензентите на книгата, проф. д-р Венко Андоновски, за неа пишува: „Ранко Младеноски под насловот Деконструкција на ликот остварил кохерентен, читлив, љубопитен, аналитичен и резултантен филолошки труд во кој покажува одлично владеење со теориската терминологија од наратолошки тип, детално познавање на состојбата на македонската литературна критика по однос на предметното прашање, како и способност за теориски опис на конкретен белетристички материјал со умешност за изведување теориски заклучоци кои придонесуваат за заокружување на типолошката слика на современата македонска книжевност.“

Ранко Младеноски (1966 година, Подгорци, Струшко) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групата Македонски јазик со книжевност во 1993 година, а магистрирал на истиот факултет во 2005 година под менторство на проф. д-р Венко Андоновски на тема „Семантичка дезинтеграција и морална деградација на ликот во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски“. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година, исто така под менторство на професорот Венко Андоновски, на тема „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“.

Досега има објавено стотина есеи, интерпретации и рецензии. Коавтор е на книгата „Големиот скок – избор од македонскиот расказ и од најновата македонска лирика“ (2003) со Васил Тоциновски. Автор е на две посебни книги за романите „Две Марии“ од Славко Јаневски (2003) и за „Црно семе“ од Ташко Георгиевски (2003), на книжевно-теориските книги „Чекајќи ја егзегезата“ (2005) и „Книжевно-критички перцепции (2011), на прозно-поетските збирки „Омразенија“ (2005) и „Марионетки“ (2011), како и на збирката раскази „Чуварот на тајната“ (2008). Коавтор е и на три учебници по македонски јазик и литература за средно стручно образование.

Преведува проза и поезија од српски, хрватски и бугарски јазик.
Работи како доцент по литература на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип.

You May Also Like