Семинар за превенција од употреба на дроги

Во рамките на проектот „Советувалиште и едукација за превенција од употреба на дрога кај средношколската популација во град Скопје“, во просториите на НВО-Центарот, во Младинскиот културен центар-Скопје, се одржа воведен семинар за претставниците од десетте средни училишта што се вклучени во проектот.

 

На овој еднодневен семинар учесниците имаа можност да се запознаат со најновите европски и светски практики во спроведување на активности за превенција од употреба на дроги меѓу младата популација. Претставниците од училиштата имаа можност да ги споделат и своите искуства во работата со учениците преку нови и креативни пристапи.

Училиштата и досега, континуирано и посветено работат со учениците да им помогнат во надминувањето на проблемите со дрогата, а вклученоста на училиштата во овој проект ја покажува и нивната мотивираност и во иднина да се посветат на реализацијата на овие активности.

Во периодот што следува стручните служби и професорите во соработка со учениците ќе имаат можност да развијат акциски планови за работа на превенција од употреба на дроги во средните училишта. Активностите од овие планови ќе придонесат не само кон зголемување на информираноста туку и за подобрување на вештините на младите за да се справат со животните предизвици, и со однесувања кои можат да доведат до зависност. Преку акциските планови учениците ќе имаат можност да учествуваат во театарски и фотографски работилници, да креираат свои кампањи и слогани против употреба на дроги, да учествуваат на конкурси, да истражуваат, да подучуваат и да пренесуваат знаења. Младите преку овој проект ќе имаат можност да се стекнат со нови и креативни начини на комуникација со другите, да ја зголемат самодовербата и подготвеноста да се вклучат и да влијаат врз одредени промени во општествениот живот.

Проектот „Советувалиште и едукација за превенција од употреба на дрога“, којшто има за цел да ја зголеми информираноста кај средношколската популација во Скопје, и да понуди поддршка на родителите и стручните служби од училиштата што се соочуваат со проблеми поврзани со употреба на дроги го реализира Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Проектот е само една од многуте  предвидени активности во Стратегијата за дроги на Град Скопје и е финансиски поддржан од Град Скопје, со средства во износ од 1 000 000,00 денари.

You May Also Like