Eден од најкултните бендови во светот, великаните на светскиот индустријал – LAIBACH, доаѓаат во Скопје на 17-ти ноември 2012, на целовечерен концерт кој е во склоп на нивната светска турнеја “WE COME IN PEACE”.
Концертот на LAIBACH ќе се одржи на Скопски саем – хала 5. Во Македонија доаѓаат после 5 години од нивниот последен фестивалски настап, а цели 15 години од концертот во склоп на турнејата “NATO”. Организатор на концертот е Spektaklum.
Откако во 2011 година LAIBACH го направија комплетниот саундтрак за филмот “IRON SKY”- (темна научна фантастика), филм кој е делумно инспириран од музиката на LAIBACH (посебно од нивниот албум”VOLK” од 2006 година) во април годинава, започна светска турнеја, на која покрај песните од саунтракот, во настапите се вклучени и голем број на ремек дела од раните албуми, вклучувајќи ги песните “Geburt Einer Nation”, ”Leben Heisst Leben”, „Across the universe” како и некои песни од нивните два престојни албуми ”Laibach Revisited” и “Reproduction Prohibited”, комплетно зачинето со фантастично видео, какво сме навикнале да гледаме од нив.
За престојниот концерт во Скопје, нивниот лидер FRAS вели: “Колку и да звучи патетично, Македонија е местото каде имате трема пред настап, каде се плашите дека мора да бидете совршени, затоа што тамошната публика, генијално знае што е добро, а што лошо, се плашам ама неверојатно ми е драго што повторно ќе уживам со нашите фанови и пријатели”.
Билетите во продажба за големиот концерт на групата LAIBACH се пуштени од понеделник 15-ти октомври. Од 15-ти октомври до 1-ви ноември ќе се продаваат по цена од 400 денари, а од 2-ри до 17-ти ноември ќе бидат по цена од 500 денари, а можат да се набават на сите продажни места на билет сервисот www.mktickets.mk , како и на следниве продажни места:
Скопје: Југотон ГТЦ 1кат, Камарад(Рамстор), Кафе Круг (Аеродром), цвеќара Розе (ВЕРО 2),
Куманово: Агора,
Битола: Hard Rock,
Охрид: ZZ TOP,
Гевгелија: Кафе Корзо,
Кочани: Комисион Шишко.
БИОГРАФИЈА
Словенечките културни и политички провокатори, „инжинерите на човечката душа“, бенд и cross-media колектив LAIBACH е основан во 1980 година во малиот индустриски град Трбовље, од страна на Eber, Saliger, Dachauer и Keller, а името го користат од стариот германски назив за градот Љубљана.
Многу теоретичари, меѓу кои и светски познатиот словенечки филозоф Славој Жижек, пробува да го објасни феноменот Laibach, од аналитичка, но и од критички културна гледна точка. Laibach е практикување колективна работа,расклопување на индивидуалното авторство и воспоставување на принципот на хипер-идентификација. Laibach е најголемиот словенечки бренд,со огромно влијание во општата културно политичка сцена во Словенија.
Целиот концепт на Laibach, имал страшно влијание на многу светски музичари, Trent Reznor официјално признава дека Nine inch Nails, не би постоеле да не биле Laibach, секако ни Rammstein кои секогаш истакнуваат дека тие се нивните идоли.
Со 20 албуми до денес, Laibach добиваат огромни признанија од целиот свет, нивниот албум од 1987 година ”OPUS DEI”, влегува во изборот на најважните музички албуми на светот” 1001 албум што треба да ги слушнете пред да умрете”, а влијателниот британски музички магазин ”Classic Rock”, албумот го става во редот на петте најдобри албуми на сите времиења ,во индустријал рок стилот.