Денеска (2 април) се одбележува Светскиот ден на лицата со аутизам. Целта е да се подобри квалитетот на животот на овие лицата, да се згрижат децата со оваа болест, да им се даде рана дијагностика и навремен третман, право на едукација и здравствена заштита.
Македонија втора година по ред се приклучува кон одбележувањето на овој светски ден со манифестација што ќе се одржи на плоштадот „Македонија“ под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова.
Манифестацијата, која ја организира здружението „Во мојот свет“ во соработка со Македонско научно здружение за аутизам, ќе биде исполнета со богата музичка програма и осмислени активности за најмладите. Со настанот почнува и кампањата под мотото „Еден свет за сите“, која ќе се спроведе во текот на овој месец. Целта е будење на јавната свест во Македонија за постоење на аутизмот.
Во Македонија не постои официјален регистар на лица со аутизам, но според статистиката на Светската здравствена организација има 12.240 лица. Аутизмот не е емоционална болест туку тоа е тешко развојно нарушување со генетска основа. Поновите истражувања покажуваат дека тој се јавува почесто од Дауновиот синдром, од ракот кај децата или глувоста. Почесто се јавува кај машките, отколку кај женските деца и тоа за четири пати.
Од Заводот за ментално здравје на деца и младинци во Скопје, една од институциите каде се третираат лица со аутизам, наведуваат дека е многу значајно раното дијагностицирање. Со современите знаења, средства и методи аутизмот може да се детектира најрано на возраст од околу 18 месеци со што се создава основа за интервенција кога мозокот е во фаза на формирање. Со раното откривање на аутизмот може да се обезбеди излез за аутистичните деца како и за луѓето околу нив. Потребно е професионалците од разни струки и лекарите од општа практика да бидат дополнително едуцирани за да одебзбедат правилно откривање и насочување на заштитата на децата со аутизам. Посочуваат дека е важна и раната консултација на родителите со педијатарот и психијатарот и низ мултидисциплинарен преглед во институционална форма правилно да може да се лоцира симптоматологијата на аутизмот и да ги препознае критеријалните однесувања кои го лоцираат аутизмот.
По повод Светскиот ден на аутизмот вчера се одржа спортско забавна манифестација во оганизација на Македонското научно здружение за аутизам и Агенцијата за млади и спорт.