Роденден на уметноста во МКЦ Скопје

На 18-ти јануари (среда), Младинскиот културен центар од Скопје (МКЦ), втора година по ред, го одбележува меѓународниот настан „РОДЕНДЕН НА УМЕТНОСТА“. По тој повод, МКЦ ќе понуди богата уметничка програма, на повеќе локации.

Точно напладне во кината „Фросина“ и „Милениум“ започнува 24 часовна ревија на играни филмови, а во 18:00 часот закажен е почетокот на театарската претстава ИНСТИТУТ, во режија на Алкесандра Кардалевска. По претставата следува поетскиот перформанс ПЕСНИЛО со почеток во 20:30 часот.

Во планетариумот на МКЦ во 21 часот ќе се одржи уште еден театарски перформанс, ВИЗИЈА во режија на Златко Славенски. Галеријата на МКЦ ќе биде домаќин на изложба на младиот уметник Андреа Шимбов која ќе биде отворена во 19 часот, а целиот роденден ќе биде заокружен со концертот на „ТБ Трачери“, Сашко Костов и „Молокаи“, со почеток во 22:00 часот, во Денсинг салата на МКЦ.

Влезот за сите настани е слободен.

________________________________________

Младинскиот Културен Центар е член на мрежата Eternal Network, творец на глобалната иницијативата РОДЕНДЕН НА УМЕТНОСТА. Организациите вклучени во настанот имаат можност да ги споделат своите културни програми преку преноси во радио и телевизиски емисии, објавување на видео материјали на интернет и разни телекомуникациски начини, преку кои уметноста може да се сподели низ целиот свет.

Настанот е инициран од уметникот Роберт Филиу, во далечната 1963 година, кога за прв пат е спомената идејата за глобална прослава на уметноста.

Настанот РОДЕНДЕН НА УМЕТНОСТА е првиот од низата настани кои Младинскиот Културен Центар ги планира за претстојната 2012 година, посветени на 40-годишното постоење на оваа институција, под мотото СЛАВЕЊЕ НА МЛАДОСТА.

You May Also Like