Единствениот македонец кој се наоѓа на топ листата за најдобро видео во регионот на музичкиот канал МТВ, е хип- хоп артистот Тони Зен. Темата „Говор тела“ на Тони и белграѓаните Маракуја оваа недела се наоѓа на првото место на топ листата Домачица, а неговото најново видео издание за песната „Три“, се наоѓа на седмото место.
„Уште на самиот старт 2012-та ми донесе убави моменти, вредни за паметење. Темата „Говор тела“ и соработката со Маракуја, како и концертот на кој заедно со Маракуја создадовме нов звук на моите хитови, ме направи само посигурен дека одам во вистинската насока и дека музиката навистина нема граници. Тоа што сум единствен Македонец на оваа топ листа ми дава обврска да создавам теми кои ќе бидат препознаени.“ – вели Тони Петковски.
Марко Стојановиќ – Луис е автор на првопласираната „Говор тела“ чиј аранжман го направи групата Маракуја. Текстот е заедничко дело на Lou Benny, Струка и Тони Зен, а спотот беше сниман во Белград од режисерот Радоје Јачевиќ. Седмата песна која се наоѓа на престижната Домаќица -„Три“е дело на Бертан Аслани и Тони Зен, а зад видеото е потпишан Мерт Аслани. Оние кои сакаат да го поддржат Тони да го задржи првото место со едната и да се искачи уште повисоко на топ листата гласајте ТУКА.
Од матичната куќа на Тони – Симплисити Продукција најавуваат дека на почетокот на март ќе излезе ДВД изданието од концертот „Тони Зен и Маракуја во Интимни односи“ кој се одржа на 29-ти декември минатата година во Универзалната сала. Заедно со ДВД-то ќе излезе и документарецот за Тони кој беше работен изминатиов период.